​​​​​​​Радев бара посебно поглавје во преговарачката рамка за Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев

Во преговарачката рамка да има посебно поглавје за Македонија, со сите критериуми за добрососедство, бара бугарскиот претседател Румен Радев.

Според него, Бугарија пред сè мора да ги брани својата историја, јазик и идентитет.

„Никој освен ние самите не можеме да го направиме тоа. Убеден сум дека отворено соработувајќи со нашите соседи и браќа, ќе го најдеме вистинското решение, но бидејќи Договорот за добрососедство не води кон нив, имаме право да бараме други средства. Бугарија не е кандидат за членство, туку Република Северна Македонија. Таа мора самата да одлучи дали ќе продолжи со идеологиите на омраза од минатото или ќе започне демократски развој“, изјави Радев за БНТ.

Тврди дека тој ја убедил Владата на Бојко Борисов дека не може да има безрезервна поддршка за Скопје и оти на негов предлог во Парламентот во Софија е усвоена националната рамка со „црвените линии“.

На прашањето дали е можно Бугарија и Северна Македонија да најдат решение до вторник за кога е закажан состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, Радев вели дека е збнувачки молкот на бугарската Влада.

„Таа нема јасно изразено противење. Има правилни позиции, но нема јасни механизми со кои треба да да се постигне целта“, рече бугарскиот претседател.

Бугарската влада вчера на вонредна седница го утврдила ставот за преговарачките рамки за пристапување на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ, но не се соопштуваат повеќе детали.