Претседателот на САД, Доналд Трамп, во прво обраќање по изборите пред Белата куќа рече дека неговата администрација под ниеден услов нема да воведе блокада во земјата поради ковид -19.
„Оваа администрација нема да воведе блокада. Што и да се случи во иднина, кој знае која администрација ќе биде. Времето ќе каже, претпоставувам“, рече Трамп.
Говорејќи пред Белата куќа на 13 ноември за вакцините против коронавирусот, Трамп го повтори ветеното дека нема да воведе блокада во САД и покрај тоа што бројот на заразени со ковид-19 расте.
Обраќањето на Трамп доаѓа откако пред неколку дена американската компанија Фајзер во соработка со германската компанија БиоНтек соопшти дека нивната експериментална вакцина е 90 проценти ефикасна. Трамп рече дека ниедно медицинско откритие не било постигнато вака брзо.
Претседателот Трамп излезе на прес-конференцијата за првпат откако американските медиуми го прогласија Џо Бајден за победник на изборите на 3 ноември. Бајден е во убедливо водство, а републиканците претрпеа повеќе неуспеси во судските битки што ги водат за гласањето во три држави.
Трамп одби да ги признае резултатите и да го започне процесот на транзиција на функцијата, со што го спречува тимот на Бајден да има пристап до федералните агенции, финансирањето и разузнавачките брифинзи.
Од изборите, Трамп во голема мера остана тивок, без јавни настапи. Тој двапати ја напушти Белата куќа да игра голф и еднаш за да присуствува на кратката церемонија на Денот на ветераните на Националните гробишта во Арлингтон.
Но, на Твитер, тој активно пишува дека имало измама и нерегуларности со изборните резултати.
Претходно на 13 ноември, судовите во Аризона, Мичиген и Пенсилванија, ги отфрлија тужбите поднесени од изборниот штаб на Трамп, кој се обидува д аја поништи побдата на Бајден.
Трамп излезе на прес-конференција непосредно откако американските медиуми проектираа резултати во последните две држави од кои се очекуваат резултатите, со тоа што Бајден го освои поранешното упориште на Републиканците –Џорџија, а Трамп ја доби Северна Каролина.
Доколку се задржат резултатите од Џорџија, Бајден би имал предност од 306 наспроти 232 електорски гласа за Трамп во Изборниот колеџ, кој на крајот одлучува за претседателската функција. Потребни се 270 гласа за некој да ја освои Белата куќа.