Бугарската Влада го утврди ставот за преговарачките рамки за пристапување на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Тоа било сторено вчера на вонредна онлајн седница. Пристапувањето на Скопје и Тирана треба да биде разгледано на состанокот на Советот за општи работи на 17 ноември, соопшти владината прес-служба. Но во соопштението не се наведуваат детали за утврдената позиција.
„Бугарија е меѓу најсилните застапници на процесот на проширување на Европската унија. Нашата земја ја крена темата високо на агендата на ЕУ за време на нејзиното претседателство со Европскиот совет во 2018 година. Европската перспектива е најсилната мотивација за транзиција кон демократско владеење и пазарна економија на Западен Балкан“, се вели во кусото соопштение од владиниот состанок.
Бугарија на последниот состанок на амбасадорите на ЕУ на 6 ноември се спротивстави на усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Софија го извести Брисел дека не е во можност да ја прифати предложената рамка за преговори и придружната нацрт-декларацијата со образложение дека не ги даваат потребните гаранции за исполнување на поставените бугарски услови. Бугарија има забелешки за неспроведување на Договорот за добрососедство, за историски прашања, но и за македонскиот јазик и идентитет.
Советот за општи работи на ЕУ на кој треба да се усвои преговарачката рамка, првично беше закажан за 10 ноември, но беше одложен за 17, што им даде дополнително време на Скопје, Софија и на германското претседателство како медијатор да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор, со што би се отстраниле бугарските резерви.