Грчкиот здравствен систем под огромен притисок од вториот бран на пандемијата

Илустрација: Дете со маска оди на училиште во Грција во септември

Вториот бран на пандемијата на ковид-19 е во полн замав во Грција, а здравствениот систем е под голем притисок, со оглед на тоа дека заклучно со вчера, слободни се само 29 отсто од креветите на интензивна нега во болниците во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 1.104 кревети, 496 се наменети за пациенти со ковид-19, а од нив, 335, односно 67,5 проценти се веќе исполнети.

Особено лоша е ситуацијата во Солун, каде што 32 отсто од направените тестови се позитивни, а слободни се само 16 ковид – кревети на Одделите за интензивна нега, односно 11 отсто од вкупниот капацитет.

Во изминатите три дена во Грција беа регистрирани вкупно 6.626 нови случаи, од кои 1.842 беа во Солун.

Весникот „Катимерини“ во текстот под наслов „Страв и загриженост во Солун“, опишувајќи ја драматичната ситуација во градот, истакнува дека од Меѓународниот саем отстапиле киосци и шатори за да се постават во дворовите на болниците, а „постојат размислувања и за веројатноста конференцискиот центар од саемот, да се користи за поставување болнички кревети“.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, како и претседателот на лекарската комора Атанасиос Ексадактилос упатија повик и апел до лекарите кои работат во приватните клиники да го помогнат здравствениот систем, особено во Солун и Северна Грција.

Кикиљас вчера рече дека доколку биде потребно пациенти ќе се префрлаат во други региони, а за таа цел ќе биде ставен на располагање и авион C-130 од военото воздухопловство.
Дел од медиумите, но и епидемиолозите во Грција, предупредуваат дека ситуацијата во Солун е толку лоша што градот може да се најде во иста ситуација како и Италија за време на првиот бран.

Поради зголемениот број нови случаи, како и поради констатацијата дека има непотребна раздвиженост на граѓаните, од утре во цела Грција, освен карантинот што е на сила веќе шест дена, се воведува полициски час, односно ограничување на движењето на граѓаните од 21 до 5 часот.