Собранието денеска со 60 гласа „за“ и 62 присутни во салата, го усвои дневниот ред за 21-та седница. Но поради немање услови за работа, десетте точки, пет предлог-одлуки и пет предлог- закони, кои поминаа општ претрес, ќе се гласаат во некој од наредните денови.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, пред да ја прекине седницата, информира дека шест пратеници од владејачкото мнозинство не се присутни поради ковид-19. Тој рече дека опозицијата го користи отсуството на пратениците и излегувајќи од салата сака вештачки да создаде атмосфера дека власта нема парламентарно мнозинство.
Џафери истакна дека поради ситуацијата со ковид-19 треба да се најдат алтернативни решенија за да можат сите пратеници да учествуваат во работата на Собранието.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски побара на дневен ред да се најдат два Предлог-заклучоци за односите со Бугарија, за кои тој побара Собранието да се произнесе.
Џафери рече дека за тие заклучоци нема доволно материјали за седницата. Откако Предлог-заклучоците на опозицијата не беа ставени на дневен ред, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата, а седницата ја напуштија и двајцата пратеници на Левица.