Османи за поканата од Милошоски: Не сакам средби за политички поени

Бујар Османи

Спремен сум денеска да се сретнам со опозицијата овде во Министерството, во нивното седиште, во Собранието... но ниту со нашата опозиција, ниту со бугарската, ниту со други политичари, немам намера да влезам во јавен политички дискурс или дебата кои може да бидат искореистени за дневно политички прашања и може да му наштетат на овој витален процес, особено сега кога тој е во завршница, изјави денеска шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање зошто не ја прифатил поканата да присуствува на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи за актуелните односи со Бугарија.

Седницата на собраниската Комисија за надворешни работи ја иницираше вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој рече дека треба да се утврдат македонските црвени линии како што во актуелните односи со Бугарија, и Софија ги кажала нејзините. Бугарија официјално се изјасни дека е против почнување на преговорите на Македонија со ЕУ, се додека не бидат расчистени билатералните проблеми.

Османи нагласи дека со ова не избегнува транспаретност и комуникација, но, како што рече, „во оваа атмосфера оптоварена со емоции, таквите дебати и расправи во Комисијата нема да придонесат ништо конструктивно во овие клучни денови за процесот“.