„Последното дополнување на Деловникот е еден од чекорите во насока на остварување на целосна самостојност и независност на Уставниот суд согласно уставната дефиниција за Судот како орган на Републиката што е надвор од организацијата на државната власт“, се наведува во денешната реакција на Уставниот суд, откако деновиве судиите си изгласаа додатоци од 35 посто од плата со интервенција во Деловникот.
„За да се оствари оваа самостојност и независност, потребно е постоење буџетска и административна самостојност на Судот, како и статус на уставните судии кој е соодветен на нивната одговорност за заштита на уставноста и законитоста. Имено, Уставниот суд во однос на овие прашања, не само што е далеку под нивото на уставните судови на другите држави, туку е далеку под статусот од некои домашни органи основани со закон. Покрај ова, статусот на уставните судии е многу понизок од она што е на пример предвидено за судиите од редовното судство. И овде не станува збор само за тнр. материјални права, туку и за правата од нематеријален карактер за судиите предвидени со Законот за судовите“, се вели во соопштението од УС.
Од Уставен констатираат дека во јавноста отсуствува каква било дебата по однос на тоа како да се оствари уставната улога на Судот и „преовладуваат паушални и неаргументирани напади како кон самиот орган, така и лично кон судиите, потоа, јавно се диктира кога и како Судот да одлучува, се прејудицираат одлуки преку аргументи кои најчесто немаат врска со правото итн“.
Судии кои оценуваат судии-вртење во круг
„Притоа, мора да се нагласи дека со последното дополнување на Деловникот, не се одзема правото на законодавецот да утврдува и уредува права, обврски и одговорности на судиите на Уставниот суд и тоа во рамките на Уставот и уставната положба на Судот. Но, исто така, ова дополнување не повредува ниту еден закон кој е во сила и не може да се рече дека истото било незаконско како што се тврди, без да се наведе која законска одредба е повредена“, се наведува во соопштението од Уставниот суд.