Денешните земјотреси во регионот на општина Маврово–Ростуше создадоа проблеми со заматување на водата за пиење во повеќе села во општината, а има и материјални штети. Ова за Радио Слободна Европа го изјави градоначалникот на општината Медат Куртовски. Тој додава дека вознемирувањето на населението во текот на целиот ден е големо, а оштетени куќи има во Леуново, Никифорово, Маврово и Маврови Анови, каде што исто така и водоводите се заматени.
Јавното претпријатие ,,Маврово“ упати апел до населението водата да не се користи за пиење. Според комуналното претпријатие заматена вода има и водоводот во селото Жировница, во регионот на Долна Река.
Во западниот дел на Македонија, земјотрес со сила од 5 степени
Според директорот на Националниот парк ,,Маврово,“ Самир Ајдини утрово за време на потресот се урнала огромна карпа во близина на селото Сенце, кое се наоѓа на територијата на националниот парк. На патниот правец Дебар – Маврово, во близина на Косоврашки мост исто така се урна огромна карпа на патот и моментално патот е во прекин. Раководителот на дебарската единица на ЈП ,,Македонија пат“ Деар Лимановски за РСЕ изјави дека за среќа во моментот на уривањето на огромната карпа немало движење на автомобили, ниту патници.