Предлог Буџет 2021: 4,1 раст на економијата, 4,9 буџетски дефицит

Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии денеска го презентираа Предлог-буџетот за 2021 година со кој се планира раст на економијата во државава од 4,1 процент, буџетски приходи во износ од 212,6 милијарди денари и расходи од 247,5 милијарди денари, буџетски дефицит од 4,9 проценти од БДП, како и капитални инвестиции во износ од 23 милијарди денари.

„Главни приоритети на Буџетот за 2021 година е поддршка на здравствениот сектор, што значи заштита на здравјето и животите на луѓето, економско заздравување и раст, преку мерки за социјално ранливите категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места. Нашиот фокус во текот на 2021 година, колку што е можно повеќе го насочуваме на политики кои ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политки кои ќе поддржат реализација на капитални инвестици што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на раст“, рече Заев на денешната прес-конференција.

Според министерот за финансии Бесими, предложениот буџет е за ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст – раст кој треба да биде двојно поголем во однос на изминатата деценија, или во просек пет проценти од БДП.

Поради здравствено економската криза, како што рече Бесими, буџетот е планиран на нов, подолгорочен и посеопфатен начин, согласно концептот на смарт-финансии.

„Очекувањата за 2021 година за нашата економија е дека ќе забележи раст од 4,1 процент во 2021 година, по што во 2022 година се очекува раст од 4,6 проценти, во 2023 од 5,2 проценти, во 2024 од 5,6 проценти и во 2025 од 5,9 проценти. Проекцијата за 2025-2030 година е просечен раст на економијата од 5,75 проценти“, рече Бесими.