Димитров: Нема компромис околу нашето право на самоопределување

Никола Димитров

Каракачанов има обврска и право да ги застапува бугарските позиции, како што ние имаме обврска и право да ги застапуваме македонските позиции. Ама и ние и тие имаме и обврска да се грижиме за пријателството. Сакам уште еднаш да потенцирам дека има некои работи за кои можеме да разговараме, и некои работи за кои нема дискусија, вели за МИА вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, коментирајќи ги последните случувања на релација Скопје-Софија и последната изјава на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.

Димитров вели дека ниту со Бугарија, ниту со која било друга земја или организација, не можеме да преговараме за тоа кои сме, каков јазик зборуваме, и кој ни е идентитетот.

„Со други зборови, нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а взаемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ. Впрочем, како што вели и новата методологија, „сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес“, вели Димитров.