Турција ќе го контролира прекинот на огнот во Нагорно Карабах заедно со Русија, е објавено во Анкара по телефонскиот разговор меѓу претседателите Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин. Ердоган, наводно, му рекол на Путин дека „Турција, исто така, ќе спроведува активности за набљудување, преку заеднички центар со Русија што ќе биде на одредено место во Азербејџан“, соопшти кабинетот на Ердоган. Азербејџан и Ерменија завчера потпишаа договор под покровителство на Русија за прекин на непријателствата околу Нагорно Карабах.
Ерменија и Азербејџан постигнаа примирје со посредство на Русија
„Претседателот на Азербејџан Илхам Алијев, премиерот на Ерменија Никол Пашинијан и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин потпишаа декларација на 9 ноември со која се најавува целосен прекин на огнот и крај на сите воени активности во зоната на конфликтот“, соопшти Москва. Со договорот е предвидено Русија да испрати 2.000 мировници за да го следат неговото спроведување. Првите 200 руски трупи на мировните сили веќе пристигнаа во Ерменија ден по постигнатото примирје на борбите меѓу Азербејџан и етничките Ерменци во и околу енклавата. Договорот предизвика прослави во Азербејџан и политичка криза во Ерменија, каде што гневните демонстранти упаднаа во владините згради и парламентот.