Борел - Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

Жозеп Борел.

Западниот Балкан е во срцето на Европа и нивната иднина е во Европската унија, затоа нашиот ангажман бил и останува силен, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел преку видео порака на Самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес.

На почетокот на неговото обраќање до лидерите учесници на самитот чии домаќини се Бугарија и Северна Македонија, тој рече дека треба да се задржи позитивниот тренд, вклучително и со отворањето преговори за членство со Скопје и Тирана.

Главна тема на неговиот говор беше предизвикот од ковид-19 и неговите последици.

Борел потсети со колкава финансиска и материјална поддршка ЕУ му помага на регионот да се справи со оваа криза, вклучително и преку Економскиот и инвестициски план за западниот Балкан презентиран минатиот месец.