Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето во Софија на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година ко-домаќини се Бугарија и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.
Заради ситуацијата со Ковид-19 Самитот е организиран со физичко присуство на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија и со учество преку видео конференциска врска на останатите лидери.
Самитот се одржува во време кога Бугарија најави вето за почеток на преговорите на Европската унија (ЕУ) со Северна Македонија, а по вчерашната потврда од германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, кој рече дека решение на проблемот меѓу Скопје и Софија е предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ која требаше да се одржи во декември.
„Во поздравното обраќање за успешна работа на Самитот, Заев потенцираше дека тоа што првпат од започнувањето на Берлинскиот процес, ко-домаќини се една земја кандидат од регионот заедно со соседна држава членка на ЕУ е јасен доказ дека регионот силно го прифати овој процес како свој и дека со оваа соработка Северна Македонија и Бугарија обезбедија извонредна платформа за понатамошно негување на билатералните односи“, соопшти владината прес-служба.