Филипче: Место за пациенти има, за сега не се размислува за полициски час

Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ги отфрли како шпекулации информациите дека ќе се воведува полициски час во државата или викенд-карантин по примерот на некои земји од регионот.

„Ова е тежок и комплексен период, да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19, да нема групирање на повеќе од четири лица на јавните места. Капацитетите на болниците се преоптоварени, како и медицинскиот персонал. Засега сметаме дека овие мерки се сосема доволни и ако во следниот период се почитуваат, тие ќе дадат соодветни резултати“, рече Филипче и додаде дека сепак има место за пациентите.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека како Министерство имаат увид и во бројот на смртноста на пациентите, кои се заразени од Ковид-19, а се лекуваат во приватните болници.

„Ќе ги обезбедиме точните бројки, но исходот кај најтешките случаи е ист како и во јавното здравство“, рече Филипче.

Прашан, зошто во државните болници не се користи третманот за филтрација, односно прочистување на крвта, кај заразените од корона вирусот, а за кој граѓаните на фејсбук собираат пари, за да одат во приватните клиники, министерот рече: „Нема медицински доказ дека тоа помага за оваа конкретна болест“.