Борисов го пречека Заев на Самитот во Софија

Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

Премиерот Бојко Борисов го пречека премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев во Софија, каде наскоро треба да започне Самитот на Берлинскиот процес, на кој двете земји се домаќини оваа година, соопшти претпладнево прес-службата на бугарската Влада. Претходно Борисов изјави дека добил негативни резултати од ковид-тестот и најави дека лично ќе го пречека Заев.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Средба Заев - Борисов во Софија

Самитот се одржува во време кога Бугарија најави вето за почеток на преговорите на Европската унија (ЕУ) со Северна Македонија, а по вчерашната потврда од германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, кој рече дека решение на проблемот меѓу Скопје и Софија е предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ која требаше да се одржи во декември.

По пристигнувањето во Софија, премиерот Заев изјави дека се отвора ново поглавје за развој на регионот.

„Пристигнавме во Софија за да учествуваме на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот регион ги ставаат поблиску до членството во ЕУ“, изјави денеска премиерот Заев.

Денеска во Софија или преку видео-врска, како што соопшти бугарската Влада, се лидерите на Западен Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, премиерите на Италија Џузепе Конте, на Грција Киријакос Мицотакис, на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Словенија Јанез Јанша. На самитот ќе учествуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и други високи гости.

Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов и вицепремиерот Красимир Каракачанов во Софија


„Во рамките на заедничкото домаќинство на Бугарија и Република Северна Македонија во 2020 година, главниот приоритет е да се подобри поврзаноста во сите аспекти: транспорт, енергија, дигитална поврзаност помеѓу луѓето, зближување на младите, вклучително и преку образованието“, стои во соопштението на бугарската Влада за денешниот Самит.