Лидерите на Ерменија, Азербејџан и Русија потпишаа договор за ставање крај на борбите за отцепениот регион Нагорно Карабах, почнувајќи од денеска, што предизвика немири во ерменскиот главен град, додека демонстрантите упаднаа во зградата на владата. Ерменскиот премиер Никол Пашинијан најпрво го објави договорот на социјалните мрежи, велејќи дека тој потпишал изјава со претседателите на Русија и Азербејџан за „прекинување“ на војната во Нагорно Карабах од 01:00 часот по полноќ. Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев подоцна го потврдија договорот, кој вклучува долгорочно распоредување на руски мировници.
Азербејџан објави дека зазел стратешки град во Нагорно-Карабах, Ерменија негира
До ова дојде во моментот кога азербејџанските сили остварија големи придобивки на бојното поле во шестнеделните борби во деценискиот конфликт, вклучувајќи ги и извештаите дека се приближувале кон главниот град на регионот, Степанакерт. „Донесов многу тешка одлука за себе и за сите нас“, напиша Пашинијан на Фејсбук. „Оваа одлука ја донесов како резултат на длабинска анализа на воената состојба и проценка на луѓето кои тоа најдобро го знаат“. Реакциите од најавата во Ереван беа брзи, бидејќи неколку илјади демонстранти лути поради договорот упаднаа во зградата на владата, а опозицијата го повика Пашинијан да си даде оставка.