Самит на Берлинскиот процес во Софија

Германската канцеларка Ангела Меркел разговара со премиерот Зоран Заев за време на Самитот за Западен Балкан на 5 јули 2019 година во Познањ, Полска.

Софија денеска ќе биде домаќин на самитот на Берлинскиот процес, на кој лидерите на шест земји од Западен Балкан треба да усвојат план за создавање заеднички регионален пазар и да потпишат заедничка декларација. Официјалниот дел од состанокот, ко-претседаван од Бугарија и Северна Македонија, ќе го отворат германската канцеларка Ангела Меркел, европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу. На пленарната сесија на тема „Нови можности и предизвици за Берлинскиот процес: Заеднички регионален пазар и зелена агенда за Западен Балкан“ ќе се обратат шефовите на делегациите на шестте земји од Западен Балкан, како и претставници на ОЕЦД, ЕБОР, ЦЕФТА и други меѓународни организации.


Без договор Скопје-Софија, нема напредок на Македонија кон ЕУ

За време на самитот во Софија, лидерите на Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија треба да потпишат заедничка Декларација за Берлинскиот процес. Заклучоците од самитот во Софија, како копретседатели, ќе ги сумираат премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел. Берлинскиот процес беше инициран од германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година и ги обединува Западен Балкан и ЕУ, со цел забрзување на процесот на евроинтеграција на регионот. Досега се одржани шест самити: во Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016), Трст (2017), Лондон (2018) и Познањ (2019).