Османи очекува разумно решение, Маас оптимист, Захариева бара одговорност

Прес-конференција на Бујар Османи и Екатерина Захариева на самитот на Берлинскиот процес.

Бугарија гледа на Берлинскиот процес како алатка за зголемување на динамиката на интегративниот процес на Западен Балкан и прифаќање на европските вредности. Ние ќе ги поддржуваме земјите од регионот, но и тие треба да преземат одговорност и да се насочат кон реформи. Не треба во ЕУ да бидат пренесени проблеми од надвор, рече денеска шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, на завршниот Самит од Берлинскиот процес.

Македонскиот министер за надворешни работи, кој заедно со Захариева е копредседавач на Самитот, Бујар Османи, изрази надеж дека ќе биде послушан повикот за разум за надминување на отворените прашања меѓу двете земји.

На Самитот учествуваше и шефот на германската дипломатија, Хајко Маас, кој рече дека Германија се надева дека ќе има разбирање меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе ги задоволи двете земји.

„Ако не, процесот на проширување ќе се соочи со тешкотии“, рече Маас на заедничката прес-конференција со Османи и Захариева.

Запрашан дали барањето за бугарските корени на македонски јазик ќе ги ревидира фундаментите на ЕУ, во смисла тоа да биде услов за проширување и дали Германија ќе го смета за личен неуспех непочнувањето преговори со ЕУ, Маас одговори дека „во ЕУ има 26 земји, една од нив е Бугарија, така што нејзините интереси треба да се земат предвид, како и интересите на другите земји членки“, и затоа, како што додаде, „ова прашање треба да се реши само меѓу двете земји членки“, дека Германија помага, но не може да донесеме одлуки место нив.