Телефонски разговор Заев - Борисов за наоѓање решенија за отворените прашања

Премиерите на Македонија и Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов

Премиерите на Македонија и Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во телефонски разговор изразиле меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции, информираат од Владата.

Во телефонскиот разговор, премиерите Заев и Борисов, како што се вели во владиното соопштение, размениле информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договориле уште еден телефонски разговор за утрешниот ден, на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн.

Бугарија го блокира почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, барајќи исполнување на нивните барања – да се признае дека македонската нација е формирана од Тито и дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.