Азербејџан објави дека зазел стратешки град во Нагорно-Карабах, Ерменија негира

Оштетени згради од бомбардирањето на Шуша

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денеска објавија дека азербејџанските сили ја презеле контролата врз клучниот стратешки град Шуша во Нагорно-Карабах, каде повеќе од еден месец се водат борби против Ерменците.

Ерменија негираше, наведувајќи дека борбите околу градот Шуша продолжуваат.

Во телевизиското обраќање до нацијата, претседателот Алиев рече дека „Шуша е наша, Карабах е наш“.

Шуша е воено важна затоа што се наоѓа на височина, на околу 10 километри јужно од главниот град Степанакерт и се наоѓа на главниот пат кој го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија.

Ерменски претставник ги демантираше овие тврдења.

„Борбите продолжуваат во Шуша, чекајте и верувајте во нашата војска“, напиша на Твитер претставникот на ерменското Министерство за одбрана Артсрун Ховханисијан.

Нагорно-Карабах во Азербејџан е под контрола на локалните ерменски сили кои имаат поддршка од Ерменија од 1994 година. Најновите судири избија на 27 септември и во нив досега загинаа стотина луѓе.

Алиев вети продолжување на борбите додека Ерменија не се повлече од таа територија.