Сојузниците на Америка брзо го поздравија изборот на Џо Бајден за следен претседател на САД, но од Русија засега нема ништо. Тишината од Кремљ кон Бајден не треба да изненадува, оти се очекува тој да заземе поостар став кон Русија во споредба со претседателот Доналд Трамп, особено во делот за човековите права и надворешната политика
Новоизбраниот претседател на САД повеќепати го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин за ,како што вели, „малигни активности“, вклучително и инвазија на нејзините соседи и мешање во странски избори, а неодамна ја нарече земјата „противник“.
Постои уште една причина што Кремљ е побавен во поздравувањето на победата на Бајден. Избраниот претседател на САД рече дека сака да ги зајакне трансатлантските односи и да го засили НАТО.
Противниците на Трамп велат дека претседателот ги нарушил односите со своите сојузници, особено со Германија и Франција, со неговите критики кон НАТО и Европската унија. Европските лидери веднаш му честитаа на Бајден по објавата на резултатите.
Иранските власти, пак, се надеваат на промена во политиките на САД по победата на Бајден на изборите.
„Се надевам дека сме сведоци на промена во деструктивната политика на Америка и враќање на законот и меѓународните обврски и почитување на нациите“, објави на Твитер, првиот вицепремиер на Иран, Ешак Џашингири.
Односите меѓу Иран и Соединетите Држави се нарушени дополнително од 2018 кога, Трамп се повлече од нуклеарниот договор што Техеран го склучи со светските сили. Трамп, исто така, воведе санкциите кон Иран со кои земјата падна во длабока економска криза.
Бајден најави дека ќе работи на враќање на дипломатијата со Иран и покрена можност за враќање на нуклеарниот договор од 2015.
Бајден исто така доби честитки и од сегашниот лидер на Украина, Влодимир Зеленки, но и од поранешниот Петро Порошенко. Бајден ја посети Украина шест пати за време на неговиот мандат како потпретседател на САД од 2009 до 2017 година, главно за да демонстрира силна поддршка на САД за земјата.
Соединетите држави ја снабдија Украина со над 1,5 милијарди долари воена помош и милијарди долари финансиска помош.