Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, очекува следната концертна сезона Универзалната сала да биде готова за одржување на концерти.
Пред започнување на реконструкција на Универзалната сала, Шилегов истакна дека во текот на 2021 година Универзална сала, во еден нов сјај ќе им се врати на скопјани и ќе продолжи да биде култно место, каде што е целокупната историја на современа Македонија.
„Со обезбедените буџетни средства конечно се создадени услови за отпочнување на целосна реконструкција на овој објект во постојниот облик и габарит, одржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. На овој чекор се одлучивме после широката поддршка којашто јавноста ја даде за идејата да се сочува Универзалната сала во постојната форма, на постојната локација, што пак не значи дека сме се откажале од идејата и за нова концертна сала со придружни други конгресни капацитети на друга соодветна локација“, изјави Шилегов.
На овој настан присуствуваше и министерката за култура Ирена Стефоска, која наведе дека тие како институција работат на новиот буџет за 2021 година и дека планираат за следата година да започне изградбата на новата концертна сала во Скопје.
„Постојат повеќе готови проекти за изградба на нова концертна сала. Јас сум за проектот „Јајце”, зошто да не, тоа е работен проект, подготвен. Но, исто така разгледуваме и други можности“, наведе министерката Стефоска.
Со усвојување на ребалансот на Буџетот за 2020 година, за Универзална беа одобрени 120 милиони денари, односно околу 2 милиони евра.