Ранливите категории на граѓани и пензионерите со ниски примања средства од помошта во рамки на четвртиот пакет мерки за справување со последиците од коронавирусот ќе ги добиваат директно на трансакциските сметки, а не на платежни картички како што беше претходно.
Целта на ваквата одлука, како што информираа на денешната прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи, Соња Лукаровска, е да се намалат турканиците на шалтерите, со што ќе се придонесе за грижата за здравјето на овие лица во услови на ковидкризата.
Видете и ова: Ќе одговараат ли газдите кои земаа субвенции, а не дадоа плати?Бесими појасни и дека на овој начин ќе се поедностави начинот на исплаќање на средствата од помошта, а воедно ќе се намалат и трошоците кои би биле потребни за изработка и издавање на нови картички.
Одговарајќи на новинарско прашање околу компаниите што ја злоупотребија помошта исплатена од државата за своите вработени, Лукаревска информира дека постапката против нив е во тек и дека Јавното обвинителство побарало дополнителни докази во спроведувањето на истрагата.
Таа нагласи дека на сите компании што не ја исплатија доделената дополнителна помош на своите вработени, УЈП им ги блокирала сметките и на дел од нив веќе им биле повлечени овие средства од државната помош.
Според Лукаревска, имињата на сите компании што ја злоупотребуваат помошта и натаму ќе бидат објавувани, со цел јавноста да ги знае, а воедно и да се поттикнат другите фирми да не прават вакви злоупотреби.