Бројот на смртни случаи од коронавирус во Европа надмина 300 илјади, а европските земји, од Русија до Италија, бележат рекорден број на заразени на дневно ниво. Во голем број земји се воведуваат нови ограничувања – од полициски час до карантин.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација објави дека е поставен нов рекорд на заразени во светот во еден ден.
Две третини од жртвите на коронавирус во Европа се во пет земји – Велика Британија, Италија, Франција, Шпанија и Русија.
Зголемениот број на болници ги оптовари болниците ширум континентот.
Дури и германскиот министер за здравство предупреди дека сегашното удвојување на бројот на пациенти на единици на интензивна нега на секои 10 дена не е одржливо. Германските болници примаат заболени пациенти и од Франција.
Над 85 отсто од леглата во интензивна нега во Франција се пополнети, и во нив има над 4 илјади луѓе. Во болница се сместени скоро 30 илјади луѓе во земјата. Здравствените власти соопштија дека еден од четири пациенти примени на интензивна нега умираат.
Во Полска вчера беа регистрирани над 27 илјади случаи и 445 починати, а почнаа да се носат пациенти во привремената полска болница на Националниот стадион во Варшава.
Во Унгарија денеска се регистрирани рекордни 107 починати во еден ден.
Ситуацијата се влошува и во Русија. Денеска беа регистрирани над 20 илјади нови случаи, со што вкупниот број заразени во земјата надмина 1,75 милиони луѓе, а бројот на починати надмина 20 илјади.
Русија, за разлика од други земји во Европа, не воведе втор карантин или затворање на бизнисите. Руските власти велат дека нема потреба за тоа, зашто здравствениот систем може да се справи со зголемениот број случаи. Сепак, дел од медиумите пишуваат за пренатрупани болници, недостиг на лекови и преморени здравствени работници.
Во Азербејџан пристигнаа 120 кубански лекари да помогнат во борбата со коронавирусот.
Во обид за зауздување на пандемијата, голем број европски земји воведоа полициски час, затворање на угостителски објекти или затворање на економијата.
Италија забележа рекорден број од 38 илјади заразени во еден ден и 446 починати, а 16 милиони луѓе во северна Италија и еден регион во јужна Италија се под засилени мерки – забрана за напуштање на нивните градови, а сите неесенцијални продавници се затворени.
Романија исто така воведе полициски час, а училиштата ќе бидат затворени 30 дена почнувајќи до 9 ноември.
Грција исто така прогласи национален карантин.
Во САД вчера исто така беа забележани 127 илјади нови случаи и 1200 починати.
СЗО соопшти дека на 6 ноември во светот имало рекорден број од над 580 илјади нови случаи. Од почетокот на пандемијата досега во светот се заразени над 48 милиони луѓе, иако експертите велат дека реалниот број на заразени е многу поголем.