Контрадикторните изјави на руски официјални лица укажуваат на тоа дека западните нации може да стојат зад труењето на опозицискиот политичар и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални, во август, или дека тој воопшто не бил отруен, туку дека страдал од „акутен панкреатит“.
Новинската агенција РИА Новости денеска објави интервју со началникот на Руското надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Наришкин, кој рече дека западните разузнавачки агенции го зеле предвид атентатот врз лидерот на руската опозиција „за да го оживеат овенатото протестно движење во Русија".
Навални се разболе нагло на лет од сибирскиот град Томск, веднаш по полетувањето на авионот на 20 август, а авионот принудно слетал во Омск, каде што Навални бил хоспитализиран пред руските власти да му дозволат да биде пренесен во Берлин на лекување. Тој беше пуштен од болницата Шарита во германскиот главен град на 22 септември откако помина 32 дена во клиниката.
Наришкин во интервјуто вели дека нема директни докази кои докажуваат вмешаност на западните нации во труењето на Навални.
Во меѓувреме, сибирскиот огранок на Министерството за внатрешни работи денеска изјави дека боледувањето на Навални можеби е предизвикано од „егзацербација на хроничен панкреатит“.