Тачи, Весели, Сељими и Красниќи во притвор во Хаг

Хашим Тачи

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека приведените Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи се во притвор во судот во Хаг. Во соопштението се наведува дека судијата на претходна постапка на специјализираните совети на Косово на 26 октомври ги потврдил обвиненијата против сите четворица актуелни или поранешни косовски функционери и поранешни членови на ОВК. Поранешните високи припадници на ОВК вчера попладне, доброволно, со авион допатуваа во седиштето на судот во Хаг. Специјалното хашко обвинителство ги обвини Тачи и другите осомничени дека се „кривично одговорни за скоро 100 убиства“, како и за „присилно исчезнување на лица, прогонства и тортура“.

Косовскиот претседател поднесе оставка и се пријави во ЕУЛЕКС

Тачи вчера, поднесе оставка од функцијата претседател на Косово. Вршителот на должноста претседател Вјоса Османи, во своето прво обраќање во тоа својство ги повика граѓаните да покажат единство и лојалност кон заеднички проект Република Косово. „Нашата земја минува низ тешки денови. Граѓаните на Косово мора да покажат единство и лојалност кон нашиот заеднички проект, нашата Република“, рече таа, додавајќи дека постапките на Специјалниот суд се резултат на обврските што ги прифати Косово.