Против четврорица членови на Државната изборна комисија (ДИК) и еден управител и сопственик на правно лице, Обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, поради сомнение за злоупотреба на службената положба при вршење на јавни набавки.
Од Обвинителстото информираат дека во временскиот период од февруари до септември годинава, во Државната Изборна Комисија, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.
Исто така, соопшти Обвинителството, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка.