Демократот Џо Бајден доби голема предност на претседателските избори во САД со победи во Мичиген и Висконсин. Сепак, во неколку клучни држави сè уште се бројат гласачките ливчиња, оставајќи го резултатот непознат. Со 16-те изборни гласови во Мичиген и 10-те на Висконсин, водството на Бајден е 253 изборни гласови наспроти 214 за претседателот Доналд Трамп. Победите во Аризона и Невада - две држави каде што сè уште се бројат гласовите - ќе му ги дадат на Бајден потребните 270 гласа во Изборниот колеџ. Победите на Бајден во Мичиген и Висконсин го оставија Трамп, кој ги освои двете држави во 2016 година, со помалку опции за победа. Изборниот штаб на актуелниот републикански претседател соопшти дека ќе бара пребројување на гласовите во некои окрузи во Висконсин.
Изборите во САД се уште без победник
Бајден води пред Трамп во Висконсин со 49,6 проценти наспрема 48,9 проценти. Кандидатот може да побара пребројување на гласовите ако маргината на победа е помала од 1 процент. По овој резултат во Мичиген Бајден изјави дека очекува да победи на изборите. „По долго ноќно пребројување, јасно е дека освојуваме доволно држави за да достигнеме 270 изборни гласови потребни за да ја добиеме претседателската функција“, рече Бајден. „Не сум тука за да изјавам дека победивме, но тука сум за да известам дека кога ќе заврши пребројувањето, веруваме дека ќе бидеме победници“, додаде 77-годишниот поранешен потпретседател. Во Џорџија и Пенсилванија Трамп е во предност. Во меѓувреме, штабот на Трамп поднесе тужби во Мичиген, Пенсилванија и Џорџија за да го запре броењето на гласачките ливчиња. Во други држави тој бара и подобар пристап за набљудувачите на кампањата.
Изборниот штаб на Трамп бара да се запре пребројувањето на гласовите во Мичиген
Тужбите беа поднесени и покрај немањето докази за какво било нарушување или не прописност од изборните службеници при пребројувањето на гласовите. Изборниот штаб на Бајден соопшти дека има подготвено правници да му се спротивстават на претседателот, нарекувајќи ги неговите коментари „безобразни, невидени и неточни“.