Изборниот штаб на Трамп бара да се запре пребројувањето на гласовите во Мичиген

Пребројување на гласовите во САД.

Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба со која бара да се запре пребројувањето на гласовите во Мичиген, една од клучните држави кои треба да го одредат победникот на изборите. Трамп тврди дека им е забранет пристапот за набљудување на отворањето на гласачките ливчиња

„Ние денеска поднесовме тужба до Судот за жалби во Мичиген, да се престане со пребројувањето сè додека не се добие значаен пристап“, се вели во соопштението од изборниот штаб на Трамп.

Тие бараат да ги прегледаат отворенити и преброени ливчиња во времето кога немале пристап.

Во Мичиген остануваат непреброени околу 3 отсто од гласачките ливчиња. Од досега преброените гласови, Џо Бајден води со 49,6 отсто.

Скоро 24 часа откако гласачките места на источниот брег започнаа да се затвораат, остануваат уште неколку држави каде се уште трае пребројувањето. Ниту еден од кандидатите не обезбедил 270 гласа од Изборниот колеџ, затоа што треба да се пребројат ливчиња испратени по пошта.

Од петте држави во кои се уште трае пребројувањето, Трамп води во Џорџија и Пенсилванија, а Џо Бајден има тесно водство во Аризона, Мичиген и Невада.

Доколку Бајден ги добие тие три држави, тогаш би обезбедил доволно гласови на Изборниот колеџ за да ја добие Белата куќа.

Мичиген носи 16 изборни гласови и се смета за клучна држава што може да одлучи за исходот од изборите.

Од преброени 92 проценти од гласовите, Бајден има мала разлика од околу 46.000 гласови.