Американската сојузна држава Невада соопшти, без да даде образложение, дека го прекинува броењето гласачки ливчиња од претседателските избори во САД, до 5 ноември.
Државата во која трката меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот демократски противкандидат Џо Бајден е многу тесна, денеска на Твитер објави дека за броење остануваат гласачките ливчиња по пошта добиени на денот на изборите, гласачките ливчиња по пошта кои треба да пристигнат во текот на наредната недела, како и привремените гласачки ливчиња.
Невада е една од шесте сојузни држави во кои не е познат победникот, заедно со Џорџија, Мичиген, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин.
На Бајден му треба победа во најмалку три од овие држави за да победи, додека на Трамп му треба победа во најмалку четири од нив.
„Тешко е да се процени бројот на неважечки ливчиња во Невада, зашто на секој гласач му беше испратено гласачко ливче. Очигледно, не сите ќе гласаат“, објави на Твитер избирачката комисија во Невада.
Во објавата немаше други детали за одлуката. За да бидат броени, гласачките ливчиња мора да бидат пратени по пошта до 3 ноември, но може да пристигнат и по тој датум.
Според интернет страницата на изборната комисија, по преброени 87,2 отсто од гласовите, Бајден води со 49,3 отсто пред Трамп со освоени 48,7 отсто од преброените гласови. Разликата во гласови во моментов е нешто помалку од 8 илјади.
Невада е една од променливите држави, каде што некогаш победуваат Демократите, а некогаш Републиканците. Од 1912 година, кандидатот што победил во Невада, секогаш, освен два пати, победил и на претседателските избори во САД. Еден од тие два пати се претседателските избори во 2016 година, кога кандидатката на Демократите Хилари Клинтон победи во Невада, но изгуби од претседателот Трамп во трката за Белата куќа.