Комисијата за надворешна политика не расправаше за бугарскиот објаснувачки меморандум

Антонијо Милошоски

Поради немање кворум на денешната седница, собраниската Комисија за надворешна политика не разговараше по единствената точка на дневен ред „Утврдување на национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија“.

Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, информираше дека до почетокот на седницата не добил известување за спреченост од членовите на комисијата од владејачкото мнозинство и нивните коалициски партнери.

На седницата, посочи тој, биле поканети и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

„Сметам дека ваквото саботирање и избегнување за доаѓање на седницата на комисијата, само покажува дека тие не се заинтересирани да има заеднички национален став по однос на македонските интереси во спорот“, изјави Милошоски.

Комисијата има 12 членови и тоа Лолита Ристова и Сашко Николов од СДСМ, Моника Зајкова од ЛДП, Кастриот Реџепи од Беса, Соња Мираковска од НСДП, Ане Лашкоска, Тимчо Муцунски, Иванка Василевска и Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми и Арта Билали-Зендели од ДУИ и Сафије Садики-Шаини од Алтернатива.