Претседателот Стево Пендаровски денеска како што информираат од неговиот кабинет телефонски разговорал со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Од таму наведуваат дека претседателот Пендаровски посочил дека очекува до крајот на годинава да се одржи првата меѓувладина конференција на земјава со Европската унија со што ќе се означи официјалниот почеток на преговорите.
„Сојузниот претседател Штајнмајер истакна дека по конструктивните разговори меѓу претставниците на владите на Северна Македонија и Бугарија во Берлин во текот на вчерашниот ден, се надева дека во рамките на германското претседателство, до крајот на годинава, официјално ќе започнат преговорите на ЕУ со нашата држава. При тоа, истакна дека билатералните прашања треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека двајцата претседатели констатирале дека прашањата во однос на историјата треба да продолжат да се дискутираат меѓу експертите во рамките на заедничката комисија за историски и образовни прашања. При тоа, беше истакнато позитивното искуство на Германија во оваа сфера и беше понудена поддршка на работата на комисијата.
Пендаровски и Штајнмајер го осудија терористичкиот напад во Виена и оценија дека тој е напад врз заедничките европски вредности во кои веруваме. Исто така, се согласија дека е неопходна засилена соработка на безбедносен план за превенција и пресретнување на терористичките закани.