Заев и Курц во комуникација за терористичкиот напад во Виена

Архивска фотографија- Премиерот Зоран Заев и австрискиот канцелар Себастијан Курц

Премиерот Зоран Заев денеска разговарал со неговиот австриски колега Себастијан Курц во врска со терористичкиот напад што синоќа се случи во Виена, при што се убиени четири лица, а повредени се најмалку 17.

Од Владата за МИА информираа дека Курц изразил благодарност до Заев поради искажаната солидарност и поддршка.

„Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со теорористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба“, велат од Владата.

Претходно од Министерството за внатрешни работи информираа дека тројца луѓе поврзани со синоќешниот терористички напад во Виена, имаат двојно државјанство, освен австриско имаат и македонско. Од МВР соопштуваат дека денеска од австриската полиција, преку Европол, добиле барање за соработка и информации околу терористичкиот напад.

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека нападите ги извршил 20-годишникот Кујтим Фејзулаи кој има двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија. Министерот го нарече напаѓачот „терорист“. Освен Фејзулаи, според доставениот список до МВР, македонско државјанство, покрај австриското имаат и А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија).