Македонската Влада ѝ е благодарна на Германија како претседавач со ЕУ за нејзината улога во разговорите меѓу македонските и бугарските власти. Вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во Берлин се сретнаа со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариев. Средбата беше на покана на министерот за надворешни работи на Германија Хајко Маас и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот.
Од Владата велат дека ангажманот на Германија е значаен сигнал за целиот регион и за кредибилитетот на ЕУ, а честите контакти и средби на високо ниво се во функција на поголемо разбирање со соседна Бугарија.
„Овие комуникации водат кон поголемо разбирање, кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите. Го почитуваме и посветени сме на Договорот од 2017 година кој нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања. Веруваме дека историските прашања кои се дел од заедничката историја може да се решат низ Комисијата за историски и образовни прашања и веруваме дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји’, брифираат од Владата.
Од Владата велат дека се убедени оти трите цели: грижата за националниот интерес и правото на самоопределување на македонскиот народ, македонската европска иднина и отворањето на пристапните преговори во декември и добрососедски односи врз основа на взаемно разбирање и почитување, не само што не се спротивни една со друга, туку се целосно компатибилни.
Од таму во име на европските вредности и заедничката ЕУ иднина, го осудуваат говорот на омраза во двете земји и повикуваа да се поддржи ваквиот апел за да се спречи нов наплив на омраза во кој било правец.
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, по средбата во Берлин рече дека има напредок во однос на отворените прашања, но и покрај напредокот по петчасовни преговори, не може да ја одобрат рамката за преговори.