Министерството за надворешни работи на Македонија го осуди синоќешниот терористички напад во Виена
„Тоа е трагичен удар за еден од најбезбедните градови во Европа. Ја споделуваме болката со нашите австриски и европски пријатели. Тероризмот не признава ниту нација, ниту религија, ниту потекло, и ние строго го осудуваме овој терористички чин, без разлика од кого е сторен“, стои во реакцијата од МНР.
Министерството изразува сочувство до семејствата и граѓаните на Австрија.
„ Република Северна Македонија и како членка на НАТО, и како земја – кандидат за членство во Европската Унија, активно придонесува кон меѓународната коалиција за борба против тероризмот од било каков вид“, се наведува во реакцијата на МНР.
Во нападите во центарот на австриската престолнина Виена, беа убиени четири лица, а најмалку 15 беа повредени. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска соопшти дека нападите ги изврши 20-годишник кој имал двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија. Тој го нарече напаѓачот „терорист“.