Австриското МВР потврди - Напаѓачот во Виена е Кујтим Фејзулаи и имал македонско државјанство

Полициски сили во Виена ден по терористичкиот напад

Нападите во центарот на австриската престолнина Виена, во кои беа убиени четири лица, а најмалку 15 беа повредени, ги изврши 20-годишник кој имаше двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија, изјави денеска австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер, нарекувајќи го напаѓачот „терорист“.

Името на напаѓачот е Кујтим Фејзулаи, роден во Модлинг во Австрија. Неговото семејство по потекло е од тетовското село Чолопек.

На прес-конференција, Нехамер ги повтори повиците до граѓаните да останат дома, наведувајќи дека напаѓачот, кој носел лажен појас со бомби околу себе, бил симпатизер на милитантната организација Исламска држава на Ирак и Левант (ИДИЛ).

„Вчера доживеавме напад од барем еден исламистички терорист, ситуација што Австрија ја немаше со децении“, рече Нехамер.

Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за Радио Слободна Европа изјави дека „е во постојан контакт со австриските власти за да се провери идентитетот на напаѓачот, но и за неговите можни врски со други лица. Австриската полиција преку Интерпол поднесе барање за соработка во овој случај и нашите власти веднаш одговорија на барањето за акција “.