Има напредок во однос на отворените прашања, но и покрај напредокот по петчасовни преговори, не можеме да ја одобриме рамката за преговори, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, по средбата со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Берлин, јавуваат бугарските медиуми.
„Сè уште имаме шанса да се договориме за рамка за преговори. Не станува збор за оспорување на реалноста, туку за одразување во реалноста во предизвикот на историската вистина, што се рефлектира дури и во тврдењата за малцинството. Nе можеме да ги затвориме очите и да се преправаме дека не гледаме дека има проблеми со спроведувањето на договорот со Македонија. Сè уште не сме во можност да ја одобриме рамката за преговори за Македонија. Ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси кои ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Ова е ставот на бугарската влада“, рече Захариева.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и министерот за Европа, Михаил Рот, вчера ги повикаа Димитров, Османи и Захариева во Берлин во обид да се најде решение пред одлуката на Советот на Европската унија за првата меѓувладина седница на ЕУ со Северна Македонија.