Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи престојуваат во посета на Берлин каде што вчера имаа средба со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева. Од Владата информираат дека Димитров и Османи биле поканети од министерот за надворешни работи на Германија Хајко Маас и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот. Целта на разговорите во Берлин е да се најдат начини за приближување на позициите на Скопје и Софија и да се овозможи почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ во рамки на германското претседателство.
Барањата на Софија- нереални и нерационални
Германија е актуелен претседавач на ЕУ, а германските дипломати веќе некое време се обидуваат да посредуваат во спорот што се заканува да прерасне во вето на македонските евроинтеграции. Во интервју за Ројтерс, Захаријева изјави што треба да прифати Северна Македонија во врска со македонскиот јазик и идентитет, заканувајќи се дека ќе стави вето на ЕУ доколку соседната земја не го прифати понуденото решение.