Брегу: Регионот уште еднаш ќе постигне резултати

Мејлинда Брегу

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мејлинда Брегу изјави дека е уверена оти регионот уште еднаш ќе постигне резултати. Таа се обрати на третиот дигитален самит на Западен Балкан кој беше отворен со потпишување меморандум за разбирање за план за 5Г мрежа за дигитална трансформација и за регионални услуги за интероперабилност и доверба за електронски трансакции во регионот.

„Кој и да се сомневаше кога дигиталната иднина одеднаш ќе се појави во нашите животи, засега е убеден дека иднината веќе пристигна. Ограничувањата на движењето и работата донесоа голем пораст на стапката на невработеност во Западен Балкан, помеѓу 5 и 30 проценти. Инвестирањето во технологија и преминувањето во дигиталната сфера може да донесе промени. Дигиталната трансформација во регионот може да доведе до зголемување на продуктивноста од четири отсто“, рече Брегу.

И Македонија станува дел од „Чиста 5Г мрежа“

Според неа, поинтензивната дигитална трансформација е поврзана со создавање работни места во преработувачкиот сектор на Западен Балкан.

Дигиталниот самит на Западен Балкан е дел од повеќегодишниот акциски план за регионалната економска област, поддржан од лидерите од регионот во Трст во 2017 година. Првиот дигитален самит на Западен Балкан се одржа во април 2018 година во Скопје, а вториот минатата година во Белград. Самитот се базира на искуството од регионалниот дијалог на високо ниво за дигитална трансформација, во рамките на Берлинскиот процес.