Министерството за здравство информира дека сите државни лаборатории располагаат со доволен број тестови за Ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирања.
Од таму наведуваат дека во вчерашната статистика, од 3294 тестирања, во државните лаборатории се направени речиси 1800 теста, од кои 1310 во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, каде деновиве речиси двојно е зголемен капацитетот.
Откако од минатата недела во Институтот за јавно здравје работи уште едно приемно одделение со лаборант и администратор, од министерството велат дека значително е забрзана процедурата за земање брисеви за Ковид-19 и зголемени се бројот на тестирања.
Од Министерството посочуваат дека се полнат лабораториите, но и болничките капацитети заради што апелираат на одговорност од граѓаните и почитување на мерките за заштита.