Првиот македонски контингент со 44 припадници на Армијата денеска од касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово, заминаа кон Косово. Тие шест месеци ќе работат како штабни офицери во главната команда на КФОР во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад, информира Министерството за одбрана.
Со учеството во мисијата КФОР на Косово, додаваат, дека Северна Македонија го зазема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на неодамнешната свеченоста по повод испраќањето на овој прв контингент на Косово, изјави дека членството во НАТО значи безбедност и стабилност и сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но и оти тоа членство е голема одговорност.
"Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места. Од сега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот. Пред помалку од 20 години, нашата татковина ја искористи шансата да има мисија на НАТО за да има безбедност и стабилност. Денеска како членка на НАТО можеме да помогнеме тоа да се случи и кај нашите соседи" изјави Шеќеринска во средината на октомври.
Според најавите од Министерството за одбрана, во следната ротација, планот е бројот на македонските припадници во КФОР да се зголеми на над 60, а од идното лето заедно со Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации придонесот во период од 9 месеци да се зголеми со над 100-тина припадници на Армијата.
Министерството за одбрана планира од идното лето во мисијата КФОР да учествуваат околу 180 војници, подофицери, и офицери на македонската армија.