Маричиќ - Добрите закони да не останат само добри рецепти

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Маричиќ - Да се зајакне транспарентноста во правосудството

Ние не сакаме да дозволиме добрите закони да останат само добри рецепти за постапување, без да бидат применети во пракса. Нашата цел е навистина да се види видлива промена и трансформација на правосудниот систем, вели министерот за правда Бојан Маричиќ, во интервју за Радио Слободна Европа.

Најавите за онлајн судење ја поделија јавноста. Слушнавме коментари од некои дека тоа не е во согласност со законот, други кои кажуваат дека не е баш практично. Ќе даде ли резултати овој начин на работа, ако се има предвид и фактот дека не сите судови имаат опрема која што е потребна да се извршува овој вид на судења?

Темата за онлајн работа на институциите е тема којашто неминовно се отвора со трендовите во пандемијата со ковид-19. Имаме ситуација во која целиот образовен систем ни е пренесен на функционирање на онлајн и на некој начин функционира. Секако тоа не е истото како да е во редовни услови, меѓутоа тие редовни услови во моментов ги немаме. Нашата цел со отворање на темата за онлајн судење е да се обидеме да ја задржиме ефикасноста на судството, па и да ја зголемиме, да се обидеме да ја направиме правдата достапна до граѓаните и да овозможиме практично составот да продолжи да функционира и во овие услови. Имаме определени искуства што се усвоени за време на вонредната состојба кога започна целата оваа пандемиска криза, дури сум споменал повеќе пати во јавноста дека имаме случај кадешто е одржано онлајн судење во основниот суд во Кавадарци, значи постојат искуства и во регионот кои укажуваат на тоа дека може да се организираат онлајн судења.

Секако тоа е тема за размислување, ние во моментов знаеме дека во законот не е пропишано целосна можност, ниту пак има технички услови за ваква работа, но од друга страна, пак, темата неминовно ни се наметнува и ние треба да ја држиме отворена, да разговараме, и да бараме начини за поефикасно дејствување на судовите. Дали тоа на крајот ќе заврши со целосна дигитализација или пак ќе се бараат други решенија, дел од нив ги предложи обвинителот Љубомир Јовески –судењата да бидат на отворено, судења во големи објекти. И тоа е опција ние нема да робуваме на тоа дека оваа идеја мора да се оствари, но не би ја отфрлале како можност и како идеја за која треба да се разговара со надлежните во судската власт.

Видете и ова: Онлајн судења - идеја која отвори дилеми

Имаме добра прилика во наредниот период процесни закони кои што треба да се разгледуваат и да се менуваат, законот за парнична постапка е веќе во процедура на менување, помина ЕНЕР, ќе се разгледува пред да се пушта во собранието, меѓутоа да речеме е во поодмината фаза, законот за кривична постапка има активна работна група која работа на драфтвирање и наредната година ќе се отвори и таа тема. Овие теми не ги одбегнувал, едноставно времето во кое се наоѓаме ги наметнува само по себе.

Значи се уште сме на идеја?

Да, секако.

Владеењето на правото, реформите во судството остануваат секако еден од најважните критериуми на нашиот пат кон Европската унија. Се донесоа доста закони и во изминатиот период, беа и пофалени или препознаени како добра реформа од страна на европската Комисија, но критиката се уште стои за делот на имплементацијата на законите. На кој начин ете ќе осигурите доследа примена на законите во пракса?

Веќе во повеќе извештаи се нотира дека има сериозен напредок во правосудството, дека се донесени добри закони, дека имплементацијата е почната, но дека таа треба да продолжи да се зајакне и забрза. Ние, за нас е најважно тие промени да бидат опипливи, тие закони да живеат, да функционираат, да бидат применети во пракса. Мислам дека затоа најважно од сè е дека во соработка со надлежните од судската власт, тоа е пред се Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, но исто така и државниот јавен обвинител и Врховниот суд и останатите судови да имаме некаков видлив напредок во смисла на планирање на активностите, забрзување на имплементацијата на законите и ефикасна правда која граѓаните ја гледаат и достапна правда до граѓаните. Мислам дека имаме почетно разбирање со сите овие надлежни институции, мислам дека имаме добра соработка до сега и дека ние не сакаме да дозволиме добрите закони да останат само добри рецепти за постапување, без да бидат применети во пракса. Нашата цел е навистина да се види видлива промена и трансформација на правосудниот систем.

Впечатокот на јавноста барем се уште за судството е дека е корумпирано и дека е под влијание на извршната власт. Дали мислите дека на таквата перцепција можеби влијае фактот што Советот за јавни обвинители, па и Судскиот совет не можат да се пофалат со некаква транспарентност?

Мислам дека има многу повеќе мистерија околу целата таа работа, отколку што има какви било влијание, реално, на извршната власт во овој момент кон судството.

Наша цел како влада и во овој мандат, моја цел како министер за правда е да се зајакне одговорноста, транспарентноста, независноста и етичноста на правосудството. Тоа значи и на судиите и на јавните обвинители. Ние очекуваме и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да дејствуваат активно. Значи проактивно. Да ги вршат своите функции пропишани со новите закони за судски совет и совет за јавно обвинителство и да даваат конкретни резултати кои ќе бидат видливи во јавноста. Мислам дека ќе треба во тој дел на транспарентноста како што е трендот во другите институции да се зајакне и во судството и во обвинителството. Иако тие институции се традиционално можеби позатворени, но јас мислам дека веќе е време и сигурен сум, убеден сум дека тоа го разбираат и претставниците во судската власт да се комуницира со јавноста отворено и дека секогаш кога се комуницира со јавноста отворено, толку колку што овозможува законот и на начин што јавноста ќе ја разбере суштински важната работа на правосудните органи, толку повеќе ќе се покачува довербата на граѓаните во правосудните органи и ќе се намалува перцепцијата за евентуална корумпираност или какво било влијание.

Дали воопшто ќе сноси некој одговорност за долгите судски постапки кои немаат завршница, а и такви кои завршиле со ослободителна пресуда?

Целта на отворањето на темата за филтрирање во правосудството, за прочистување во правосудството е токму таа. Да се лоцира точно одговорноста за застарување на определени предмети, за погрешно постапување по определени предмети, за случаи на евентуална потенцијална корупција итн. Значи прашањето за одговорноста во правосудството и генерално во институциите е за нас централно прашање како влада и мислам дека е важно да сноси одговорност секој којшто ја злоупотребил на определен начин службената должност за да од некоја причина одолговлечи или, пак, од невнимание или, пак, од непрофесионално постапување застари или не донесе правилна одлука. Меѓутоа тоа е работа на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и ние сакаме како Влада да обезбедиме само законска рамка, но исто така и програмска рамка за постапување на овие институции.

Целото интервју со министерот за правда Бојан Маричиќ може да го погледнете во видео-снимката на почетокот на овој текст.