ОЈО отворило истрага за директорката на Еразмус+

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмуз+“, Лидија Димова

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО) денеска соопшти дека отворило истрага за директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмуз+“, Лидија Димова, и три други лица, осомничени за злоупотреба на милиони денари од европски фондови.

Четворицата се товарат дека причиниле штета од големи размери на доверените средства на европската заедница во вкупен износ од 25.334.543 денари.

„Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Три лица како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело измама на штета на средства на европската заедница, првоосомничената сторила и продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, а четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело несовесно работење во службата“, соопшти Обвинителството.

Денеска Обвинителството до Основниот кривичен суд – Скопје доставило предлог за изрекување мерки на претпазливост за тројца осомничени.