Постојат многу шпекулации во медиумите за многу теми. Не сметам дека е корисно да додавам кон тие шпекулации, но тоа што е важно е дека треба да продолжи дискусијата, изјави денеска евроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир, прашан како ја коментира објавата на „Политико“ за наводно постигнатиот консензус во Европската унија (ЕУ) околу бугарските барања за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.
Тој вели дека сега треба да се постигне договор за преговарачката рамка како една референтна точка во преговорите за пристапување во ЕУ и потоа ќе може да се одржи меѓувладината конференција за да може да почне процесот.
„Се надеваме дека тоа ќе се случи колку што е можно побрзо“, изјави Гир, на заедничка прес конференција со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Министерот Османи, за објавата на „Политико“, пак, посочи дека од тоа што го слуша во медиумите тоа не е нов поглед на Република Бугарија како треба да се реши ова прашање, но дека не може да зборува за некави предлози, бидејќи ние не сме дел од дебатата што се одвива внатре во ЕУ.