Напаѓачот во Ница, 21-годишен туниски мигрант

Околината на катедралата во Ница, каде се случил нападот, е под целосна полициска блокада

Напаѓачот кој е осомничен за денешното убиство на три лица во црква во јужниот француски град Ница е 21-годишен Тунижанец кој пристигнал во Европа пред само неколку недели, соопштија извори блиски до истрагата за АФП.

Осомничениот, идентификуван како Брахим Аусауи, пристигнал на крајот на септември на италијанскиот остров Лампедуза, каде што властите го ставиле во карантин пред да биде ослободен со наредба да ја напушти италијанската територија.

Тој пристигнал во Франција на почетокот на октомври, велат изворите.

Напаѓач денеска со нож уби три лица во црква во францускиот град Ница, пресекувајќи му грло на најмалку едно лице, во инцидент што ги натера француските обвинители да отворат истрага за тероризам. Извор од полицијата рече дека една од жртвите, жена, била обезглавена во денешниот напад.

Градоначалникот Кристијан Естроси на Твитер соопшти дека нападот со нож се случил во или во близина на градската црква Нотр Дам и дека полицијата го привела напаѓачот, кој моментално е во болница.

Естроси им изјави на новинарите дека осомничениот напаѓач постојано извикувал „Алаху Акбар“ (Бог е најголем) дури и откако бил уапсен од полицијата. Француските обвинители за борба против тероризмот отворија истрага за, како што рече Естроси „исламофашистички напад“.

Полицијата соопшти дека уште неколку лица биле ранети во нападот.