Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во интервју за агенцијата БГНЕС рече дека нив целта не им е да ја блокираат Северна Македонија, туку напротив дека во изминатите 30 години и помагале.
„Договорот е од 2017 година и има гаранции да се спроведува во добра волја. За жал, нашата оценка е дека тоа не е така. И покрај многу шпекулации во медиумите, особено во Република Северна Македонија – ниту сме барале промена на Уставот, ниту имаме нови барања, ниту пак сме го оспорувале правото на самоопределување на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на Република Северна Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат“, вели Захариева, додавајќи дека „како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото и оти тука нема ништо сложено“.
Захариева вели дека онлајн тимовите на министерствата за надворешни работи помеѓу двете земји се во постојана комуникација за решавање на преостанатите прашања.
„Во секојдневни преговори сме. Денес онлајн тимовите на нашите министерства за надворешни работи се обидуваат да ги решат спорните прашања, така што гледаме повеќе напред. Но, малку време останува. Преговорите се интензивни“, рече Захариева.
Во врска со рамката, Захариева оцени дека Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во нејзината сегашна форма, во која е претставена.
„Засега Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во оваа форма. Имаме време, но тоа е многу малку“, рече шефицата на бугарската дипломатија.