Амбасадор Ангелов: Бугарија не може да ги промени позициите

Германската амбасадорка Анке Холштајн, министерот Бујаро Османи и бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, МНР Скопје, 28 октомври 2020

Бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, денеска изјави дека Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада. Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање „дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за Северна Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација“.

Тој за ставот на Брисел по ова прашање рече дека „тоа е проблем на Унијата, а не наш“.

Изјавите на Ангелов беа дадени по работниот појадок во македонското Министерство за надворешни работи, на кој беа и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, организиран во рамки на македонско - бугарското претседавање со Берлинскиот процес а која денеска е на дневен ред на КОРЕПЕР – Комиетот на постојани претставници во Брисел.

Амбасадорот Ангелов не одговори на прашањето „дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција до крајот на годинава доколку историчарите на двете земји во Мешовитата комисија не успеат да постигнат договор по отворените прашања, посочувајќи дека денешната средба е фокусирана на Берлинскиот процес“.

Германската амбасадорка, Анке Холштајн, денеска ја повтори позицијата на Германија дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, што е во интерес на сите вклучени страни. Taa рече дека ЕУ не треба да се меша во, како што рече, разликите помеѓу земја - членка и земја кандидат за членство, кои според неа се прашања кои се решаваат билатерално.

Претходно, министерот Османи рече дека проблемите не треба да се ставаат под тепих туку да се решаваат и дека со Софија се разговара на дневна основа, но одби да открие детали за контактите.