Османи: Да не ставаме под тепих, со Бугарија се разговара секој ден

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи

Рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи е Договорот за добрососедство со Бугарија, и прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни, изјави денеска шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој денеска имаше работен појадок со амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.

„Мислам дека не треба да има резерви во однос на тоа да се разговара со пријатели и со соседи за сите прашања коишто сметаме дека ги засегаат двете држави и двете општества“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање по средбата.

Според него, Договорот со Бугарија не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми.

„Мислам дека оставањето на прашањата под тепих не прави тие да исчезнат сами по себе, туку само ги прави поголеми, ги акумулира и ги прави потешки за решавање во иднина“, рече Османи и додаде дека со Бугарија се разговара на дневна основа во однос на сите несогласувања и напомена дека не сака да навлегува во детали за тие контакти, бидејќи треба да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите.

Во однос на изјавата на европратеникот Андреј Ковачев дека не е доволно земјава само да признае дека нема територијални претензии кон Бугарија и дека не е грев ако преговорите со ЕУ ги почнеме за шест месеци, Османи одговара дека смета оти не треба да се цензурираат изјавите на политичарите, носители на функции, туку е важно тоа што постои комуникација меѓу двете земји.