Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини премиерот Зоран Заев дека среде пандемија и економска криза, се „луксузира со скапо платени советници“, на што СДСМ одговорија со бројки колку поранешниот премиер Никола Груевски „ги плаќал“ неговите советници додека бил на чело на Владата.
„Во моментов сме среде најголема здравствена и економска криза, каде што секојдневно броиме починати, а Зоран Заев и владата се расфрла со луксуз.
Зоран Заев го советуваат дури 23 советници, кои земаат плата над 55.000 денари“, рече на денешната прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите возвратија со податок дека сумата за плати на советниците на поранешниот премиер Груевски биле седум пати повисоки од бројките што денеска ги кажале од ВМРО-ДПМНЕ.
„Никола Груевски со години беше советуван од 91 советник меѓу кои и неговиот потрчко Христијан Мицкоски. Ангажманот на 91 советник на Груевски државата годишно ја чинеше 1,73 милиони евра, сума за над седум пати повисока од онаа што денеска ја соопштува ВМРО-ДПМНЕ“, стои во реакцијата на СДСМ.