По Траекторија, одложен и ТНТ, Миле Јанакиески во изолација

Архивска фотографија - Миле Јанакиески на изрекување на пресудата за „Насилство во Центар“, Скопје, 28 септември 2020

Утрешното рочиште за предметот „ТНТ“, во кој обвинет е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, е одложено, бидејќи тој се наоѓа во самоизолација откако бил во контакт со заразено лице со Ковид-19, соопшти попладнево Кривичниот суд.

„Утрешната расправа за предметот Т.Н.Т. се одлага, а следното продолжение на расправата е насрочено на 4.11.2020 година во 10 часот за што веќе се известени странките во постапката“, се вели во соопштението од судот.

Јанакиески денеска не се појави ниту на судењето за предметот „Траекторија“. Во случајот обвинети се Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на Ј.П. „Државни патишта“ Љупчо Георгиевски, како и поранешниот премиер, сега во бегство, Никола Груевски.

Јанакиески е обвинет и во „Талир“, „Титаник“, „Топлик“, „Шпански скали“, а е првостепено осуден за „Шамарите во Центар“.